Правилник Ecommerce Awards 2023

Генерални информации

Организатор на натпреварот „E-commerce Awards 2023“ е Асоцијацијата за е-трговија на Македонија -АЕТМ, со ЕДБ 4080017570666 и седиште на ул. Мирослав Крлежа 14-1/1, 1000 Скопје, Република Северна Македонија.

Иницијативата ‘E-commerce Awards’ има за цел од една страна да ги препознае и награди најдобрите, да придонесе за промоција на е-трговијата и за подигнување на свеста за нејзиниот потенцијал, а од друга страна да придонесе за зајакнување на конкурентноста во овој сектор и за мотивирање на е-трговците за унапредување на нивното работење.

Со цел да се обезбеди транспарентност на правилата на горенаведениот натпревар и да се гарантирaат точни информации за Oрганизаторот, Правилата и условите поврзани со натпреварот, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ го воспоставува овој Правилник.

Дефиниции

  1. Организатор –  Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со ЕДБ 4080017570666 и седиште на ул. Мирослав Крлежа 14-1/1, 1000 Скопје, Република Северна Македонија.
  2. Натпревар – процес во повеќе фази чија цел е избор на победници на натпреварот, односно субјекти кои според мислењето на јавноста и жири комисијата се лидери во дадената категорија на натпреварот дефинирана во овој Правилник.
  3. Јавност, Публика и/или Гласачи  – се физички лица-гласачи на официјалната веб страна на натпреварот, кои не се членови на жирито и кои учествуваат во јавното гласање според правилата наведени во овој Правилник
  4. Жири комисија – експерти номинирани од Организаторот, кои учествуваат во изборот на победници на натпреварот врз основа на правилата наведени во овој Правилник
  5. Пријава за учество – формулар поставен на веб страната на натпреварот кој го пополнуваат сите заинтересирани субјекти кои изразуваат согласност и волја за учество
  6. Учесник – компанија или институција, која се пријавила да учествува на натпреварот со пополнување на пријава за учество наведени во овој Правилник
  7. Номиниран учесник – компанија или институција на која и е прифатена пријавата за учество според условите наведени во овој Правилник
  8. Финалисти – номинирани учесници кои се најдобро рангирани според гласовите од јавноста и кои ќе бидат дадени за гласање од страна на жири комисијата
  9. Победници – финалисти кои имаат освоено најголем број на поени во секоја категорија, врз основа на пресметаниот ранг согласно формулата за пресметка
  10. Награда – статуетка доделена на најдобрите во секоја категорија
  11. Веб страница – веб-страницата во сопственост на Организаторот – www.ecommerceawards.mk
  12. E-трговец и/или Е-продавница – е-продавница која врши малопродажба на производи и/или услуги до крајни корисници/купувачи
  13. Правилник – овој документ

Пријава и услови за учество 

  1. Општи услови – за да се квалификуваат за учество во „Е-commerce Awards 2023”, учесниците треба да ги исполнуваат следните општи услови: 
  • Да се регистрирани правни субјекти на територијата на Република Северна Македонија,
  • Да вршат онлајн продажба на производи или услуги, и
  • Да имаат овозможено онлајн плаќање за купувачите (со картичка или со уплата на трансакциска сметка) 
  1. Специфични услови – За одредени категории номинираниот учесник треба да исполнува и одредените специфични услови за да учествува во натпреварот во соодветната категорија. За следните категории важат следните специфични услови:
  • Во категорија “Е-трговец со најдобро присуство на социјални медиуми” може да се номинира е-трговец кој има над 20.000 следбеници на двете мрежи Facebook и Instagram, комбинирано.
  • За категоријата “Најдобра новоотворена продавница” може да се номинира е-продавница која е отворена во периодот 01.01.2023-31.12.2023.
  • За категоријата “Најдобра веб страна за плаќање на сметки” може да се номинира веб страна која процесира е-плаќање на сметки за трошоци како струја, вода, телефон, интернет, кабелска телевизија и останати претплати/ режиски трошоци.  
  • Во категоријата “Mаркетплејс платформа на годината” може да се номинира платформа на која различни правни субјекти имаат свои продавници кои нудат различни производи за продажба пред крајните купувачи.
  • Во категоријата “Мобилна апликација за е-трговија на годината“ може да се номинира правен субјект кој овозможува онлајн плаќање за своите производи или услуги преку апликацијата.
  • Во категоријата “Владино решение во областа на онлајн услуги и плаќање на годината” може да се номинира било која владина институција (министерство, агенција или друга владина институција) која поседува сопствено решение кое овозможува онлајн плаќање за услугите кои се нудат. 
  • Во категоријата “Најдобра е-продавница со меѓународна продажба” може да се номинира е-продавница која овозможува меѓународна продажба.
  • Во категоријата “Најдобар верификуван е-трговец” може да се номинира е-продавница која поседува беџ за верификуван е-трговец за тековната 2023 година.
  • Во категоријата “Најдобра е-продавница основана од жена” може да се номинира е-продавница која е основана или управувана од жена.
  1. Учесникот се согласува дека Организаторот може слободно да ги обработува, користи и/или да ги даде на увид податоците наведени во пријавата за учество на трети страни, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на членовите на жирито, без никакви услови и/или ограничувања. Пријавите кои не ги содржат сите потребни информации, нема да се разгледуваат и ќе се сметаат за неважечки.
  2. Пријавувањето на натпреварот е еквивалентно на обезбедување согласност на Организаторот да ги објави имињата на номинираниот учесник и трговската марка (логото) на веб-страницата на натпреварот, како и во сите промотивни и рекламни материјали дистрибуирани од Организаторот во врска со натпреварот, за времетраење на натпреварот и за период од 1 (една) година од датумот на затворање на натпреварот.
  3. Учесникот е должен да внесе вистинити податоци во пријавата, а со поднесување на пријавата учесникот потврдува дека внесените податоци се вистинити. Организаторот не е должен да ја испита вистинитоста на податоците наведени во пријавите, ниту пак ќе има одговорност кон кој било учесник и/или трето лице доколку некој учесник во пријавата за учество не дал вистинити информации или затоа што се потпирал на информациите што ги дале учесниците во нивните пријави за учество и затоа што одлуката на доделување на наградата е донесена врз основа на истите. 

Лични податоци

Политиката за приватност е објавена на веб страната на Организаторот. Сите посетители на веб страната со нејзино користење и учество во натпреварот со пополнување на апликација за учество, учество во гласањето, пополнување на форма за контакт или било какво користење на веб страната на Организаторот, потврдуваат дека ја прочитале и се согласиле со истата. 

Фази и распоред на натпреварот

Натпреварот ќе се спроведе во следните фази:

  • Фаза 1 (15 декември 2023 до 10 јануари 2024 година) – прибирање на пријави за учество
  • Фаза 2 (20 јануари 2024 година) – проверка и објава на прифатените номинирани учесници 
  • Фаза 3 (20 јануари – 10 февруари 2024 година) – гласање од јавноста
  • Фаза 4 (16 февруари – 21 февруари 2024) – гласaње од жири комисијата и обработка на резулатите од натпреварот
  • Фаза 5 – (февруари 2024) – прогласување на победници

Фаза 1 – Пријави за учество

  1. За време на оваа фаза сите заинтересирани субјекти може да пополнат формулар со кој се пријавуваат за учество. Пријавувањето може да се изврши за следните категории поделени во три секции:

Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање (можност за пријава во максимум 3 категории)

  1. Е-трговец со најдобро искуство за е-плаќање 
  2. Најдобра достава во е-трговија
  3. Е-трговец со најдобра грижа за корисници 
  4. Е-трговец со најдобро присуство на социјални медиуми
  5. Најдобра веб страница за плаќање на сметки 
  6. Мобилна апликација за е-трговија на годината 
  7. Mаркетплејс платформа на годината 
  8. Најдобра е-продавница со меѓународна продажба
  9. Најдобар верифициран е-трговец
  10. Најдобра е-продавница основана од жена

Најдобри е-продавници по сектори (можност за пријава во максимум 2 категории)

  1.  Е-продавница за облека, обувки и модни додатоци 
  2. Е-продавница за бела техника и електроника 
  3. Е-продавница за храна и пијалоци 
  4. Е-продавница за туристички услуги 
  5. Е-продавница за убавина, здравје и нега 
  6. Е-продавница за дом, мебел и градина и канцелариски материјали 
  7. E-продавница за бебешка и детска облека, опрема и играчки 
  8. Е-продавница за услужни дејности 
  9. E-продавница за уметност, култура, настани и едукација на годината
  10. E-продавница за различни производи (авто-мото, подароци и др)
  11. Е-огласник

Шампиони во е-трговија  (можност за пријава во сите категории)

  1. Најдобра новоотворена е-продавница (отворена во 2023)
  2. Најпопуларна е-продавница
  3. Е-трговец на годината 
  1. Пријавите за учество на ‘E-commerce Awards 2023’ ќе бидат отворени од 15.12.2023 до 10.01.2024 година, до 23:59 часот.  
  2. Пријавувањето и регистрацијата на учесниците е преку пополнување на Формуларот за пријава на веб-страницата во сопственост на Организаторот www.ecommerceawards.mk. 
  3. Пријавувањето е бесплатно. 
  4. За да може пријавата за учество да биде успешна, задолжително е да се пополнат сите потребни барани информации.

Фаза 2 – Објава на номинирани учесници

  1. Организаторот ќе изврши проверка на сите поднесени Пријави за учество, по што сите кои ги исполнуваат општите и специфични услови наведени во овој Правилник ќе бидат јавно објавени во соодветните категории на веб-страницата на Организаторот и ставени за гласање од јавноста на 20.01.2024.
  2. Пријавите за учество кои не ги исполнуваат општите и специфичните услови немаат право да добијат статус на Номинарни учесници
  3. Организаторот може да одлучи дека некоја пријава за учество поднесена во одредена категорија е посоодветна за друга категорија и го задржува правото да ја премести номинацијата во соодветната категорија.

Фаза 3 – Гласање од јавноста

  1. Јавното гласање ќе се спроведува преку веб страната на натпреварот во период од 20.01.2024 година до 10.02.2023, 23:59 часот. 
  2. Право на глас има пошироката јавност, т.е. секое физичко лице. Гласањето ќе се одвива со e-mail адреса. Корисникот ја внесува својата e-mail адреса која служи за верификација и преку која го валидира неговото гласање. Секое лице може да гласа еднаш и при тоа гласа во категории по сопствен избор со еден глас по категорија. Jавноста ќе треба задолжително да гласа за категориите ‘Е-трговец на годината’ и ‘Најпопуларна е-продавница’, додека сите други категории се опционални. Во процесот на гласање не е дозволена употребата на било какви автоматизирани скрипти/услуги, платени масовни услуги или друг автоматски уред, програма, алгоритам или технологија, како и секаков вид на автоматизација извршена од трето лице. Употребата на споменатото ќе резултира со отстранување од натпреварот од страна на Организаторот. Организаторот го задржува правото да направи проверка на валидноста на гласањето со што сервиси за привремени e-mail-ови ќе бидат исфилтрирани и тие гласови нема да важат. Организаторот покрај e-mail адреса ќе прави верификација на гласовите и според IP адреса и колачиња.

Фаза 4.1 – Гласање од жири комисија

  1. Организаторот ќе ги обработи собраните гласови од  јавноста и ќе направи ранг листа на финалисти според најголем број на собрани гласови за секоја категорија за кои потоа ќе гласа жири комисијата во периодот од 16.02.2024 до 21.02.2024.
  2. Бројот на финалисти кој ќе го содржи  секоја категорија е одреден врз основа на бројот на номинирани учесници во соодветната категорија. Имено, категориите во кои има над 30 прифатени номинирани учесници ќе бидат составени од 10 финалисти, додека категориите во кои има под 30 прифатени номинирани учесници ќе бидат составени од 5 финалисити за кои ќе гласа жири комисијата.
  3. Членовите на жирито гласаат самостојно за секој кандидат од листата на финалисти согласно дадени формулари за евалуацијата и своите одлуки ги доставуваат по електронски пат до Организаторот. 

Повеќе детали за обврските на жири комисијата може да погледнете подолу во ‘Состав и обврски на членовите на жирито’.

Фаза 4.2 – Обработка на резулатите од натпреварот 

  1. Одредувањето на победниците за сите категории освен за категоријата “Најпопуларна е-продавница” ќе се изврши врз основа на утврдена методологија за пресметка земајќи ги во превид гласовите од јавноста и жирито при што секој финалист добива вкупен број на поени кои го одредуваат неговото рангирање во соодветната категорија.  
  2. Пресметка на поените т.е рангот на секој финалист во секоја од одделните категории во која учествува во гласањето ќе се врши по следната формула. 

Каде што:

  • ВПФ (вкупни поени на финалисот) поените на финалистот пресметани во секоја одделна категорија кој го утврдуваат неговиот ранг во категоријата
  • ГПФ (гласови од публика на финалистот) – добиени гласови од публика во соодветната категорија
  • Макс ГП (максимален број на гласови од публика) – најголемиот број на гласови од публика кои ги освоил некој од финалистите во соодветната категорија 
  • ГЖФ (гласови од жири на финалистот) – добиени гласови од жири комисијата во соодветната категорија 
  • Макс ГЖ (максимален број на гласови од жири) – најголемиот број на гласови од жири комисијата кои ги освоил некој од финалистите во соодветната категорија 
  1. Тежинскиот фактор за пресметка на поените од публика (јавноста) изнесува 0.4, додека за поените од жири комисијата изнесува 0.6. Со цел да се овозможи релеватна пресметка и соодветно да се земат предвид сите гласови при пресметката на поените од публика се зема максималниот број на добиени поени кои еден номиниран учесник ги добил во соодветната категорија, додека при пресметката на поените од жири се зема максиманиот број на поени кои еден номиниран учесник ги добил во соодветната категорија од жири комисијата. 
  2. Максималниот број на поени т.е рангот на секој номиниран учесник во секоја категорија во која се оценува може да биде 1.
  3. Врз основа на вкупниот број на освени поени во секоја категорија победниците се одредуваат врз основа на пресметаниот ранг согласно горенаведената формула за пресметка.
  4. Изборот на победниците во категоријата “Најпопуларна е-продавница” ќе се изврши единствено врз основа на бројот на гласовите од јавноста. 
  5. Во случај на еднаков број на поени на два или повеќе финалисти во одредена категорија, за избор на победникот во соодветната категорија ќе се земат во предвид поените од жири комисијата. Кај категоријата “Најпопуларна е-продавница”, во случај на еднаков број на освени гласови од публиката, на два или повеќе финалисти победникот ќе биде одбран од страна на жири комисијата.
  6. Во секоја категорија ќе биде избран по еден победник, односно освоено прво место, додека во одделни категории ќе бидат наградени и второ и трето место. Бројот на наградени за секоја категорија ќе се утврди врз основа на бројот на финалисти во секоја категорија и тоа во категориите во кои има 10 финалисти ќе бидат доделени прво, второ и трето место, додека во категориите во кои има до 5 финалисти ќе биде назначен еден победник односно доделена една награда. 
  7. Организаторот нема право на глас и не влијае директно на изборот за наградата. 

Фаза 5 – Прогласување на победниците и „E-commerce Awards 2023“ манифестација

  1. Победниците ќе бидат прогласени на манифестација за официјалното доделување нанаградите организирана од страна на Организаторот во февруари 2024 и ќе бидат објавени на веб страната на натпреварот ecommerceawards.mk.
  2. Доколку е така советувано од членовите на жири комисијата, Организаторот го задржува правото да не додели награда во која било или во сите категории доколку според нивното мислење, номинираните учесници не се доволно заслужни.
  3. Наградата што ја доделува Организаторот нема материјална вредност, ниту пак Организаторот има друга материјална или нематеријална обврска кон добитникот на наградата.
  4. Организаторот не сноси никаква одговорност за евентуална штета поради и/или во врска со номинацијата за награди и/или изборот за награди. Исто така, наградувањето или ненаградувањето на одреден номиниран учесник не го одразува ставот/мислењето на Организаторот, ниту пак зависи од истиот, туку е резултат на гласање.

Состав и обврски на членовите на жирито

  1. Составот на жири комисијата го избира Организаторот. Иако Организаторот ги избира членовите на жирито, Организаторот не влијае на тоа како ќе гласаат членовите на жирито – членовите на жирито гласаат независно, слободно, по сопствено убедување и врз основа на сопственото професионално мислење. Организаторот не е одговорен за постапките на членовите на жирито, вклучително, но не ограничувајќи се на тоа како гласаат членовите на жирито. 
  2. Членовите на жирито се согласни:
  • Дека сите номинирани кандидати ќе бидат оценети темелно и со целосно внимание.
  • Дека строго ќе ги чува информациите за пријавите за учество, односно дека нема да соопштува на трети поврзани или неповрзани лица доверливи информации од содржината на пријавите.
  • Дека ќе ги оценува сите пријави кои му се дадени од страна на Организаторот, и дека оценувањето ќе биде завршено до предвидениот рок. Доколку член на жирито не може да ги оцени сите пријавени до закажаниот датум, се очекува веднаш да го извести Организаторот, за да може Организаторот да се обиде да ангажира замена што е можно поскоро.
  • Дека сите номинирани учесници ќе бидат оценети без предрасуди.
  • Дека нема да се оценуваат пријави за учество со кои се поврзани на каков било начин, што би ги довело во конфликт на интереси. 
  • Дека член на жири комисијата не може да биде сопственик, вработен, член на управен или надозрен одбор во компанија која е номиниран учесник.
  • Дека нема да го злоупотребува членството во жирито за лична корист.
  • Дека нема да ја злоупотреби можноста да бара дисквалификација на кој било номиниран учесник.
  • Дека нема да одговара на никакви барања за гласање од никого, пред и за време на гласањето, како и на какви било обвинувања и негативни коментари по гласањето.
  • Дека нема да користи информации добиени преку процесот на жири за друга цел, без претходна писмена согласност од номинираниот учесник и Организаторот на доделувањето.
  • Да му даде на Организаторот свое лично мислење и повратна информација за процесот на евалуација со цел дополнително да се подобри овој процес во идните организации на ‘Е-commerce Awards’ и да се обезбеди подобро корисничко искуство на членовите на жирито.

Поднесување на приговори

  1. Во случај на приговори, истите може да се достават на e-mail адресата на натпреварот awards@ecommerce.mk во рок од 7 (седум) дена од датумот на објавување на победниците на натпреварот.
  2. Приговорот треба да ги содржи следните елементи: име и презиме, e-mail за комуникација и објаснување за причината за жалба. 
  3. Организаторот ќе ги разгледа приговорите во рок од 7 (седум) дена од нивниот прием. Страната што се жали ќе биде известена за резултатот од приговорот преку e-mail.

Други општи услови

  1. Организаторот го задржува правото да го менува и дополнува овој Правилник.
  2. Сите информации поврзани со натпреварот ќе бидат објавени на веб-страницата на натпреварот, на која има објавено Политика за Приватност и Политика за Колачиња.
  3. Организаторот може да објави информации за натпреварот како и неговите резултати и на други медиуми.
  4. Со нивното учество т.е. со пријава за учество за наградата, односно учество во жирито, како и јавното гласање, пријавените е-трговци, членовите на жирито и гласачите го прифаќаат овој Правилник и се должни да го почитуваат.