Препознавање на најдобрите во македонската е-трговија
“E-commerce Awards” (Награди во е-трговијата) е годишна иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија – AETM за препознавање на најдобрите во македонската е-трговија.
Изборот за најдобрите во е-трговијата има за цел од една страна да ги препознае и награди најдобрите, да придонесе за промоција на е-трговијата и за подигнување на свеста за нејзиниот потенцијал, а од друга страна да придонесе за зајакнување на конкурентноста во овој сектор и за мотивирање на е-трговците за унапредување на нивното работење.
Изборот за најдобрите во македонската е-трговија се организира по четврти пат во нашата земја, каде што ќе се натпреваруваат најдобрите е-трговци во 23 категории, поделени во три секции:
- Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање,
- Најдобри е-продавници по сектори и
- Шампиони во е-трговија.
Натпреварот “E-commerce Awards” се спроведува во неколку фази. Процесот започнува со објавување на категориите и собирање номинации од е-трговците, по што следува проверка на апликациите и објава на номинираните компании, чија пријавата за учество е прифатена според условите наведени во овој Правилник. Најдобрите е-трговци се одбираат од јавноста и од стручна жири комисија. Следните фази вклучуваат гласање од јавноста, гласање од стручна жири комисија и собирање на гласовите. Последната фаза е прогласување на победниците со најмногу гласови на свечен настан – Awards Ceremony. Свечениот настан за прогласување на победниците за 2024 година ќе се одржи во март 2025 година.
Дополнително, сите заинтересирани компании кои сакаат да придонесат во организацијата на оваа иницијатива имаат можност да се вклучат како партнери или поддржувачи преку следната страница https://ecommerceawards.mk/sponzorstvo/
Контакт email за вклучување како партнер или поддржувач во “E-commerce Awards”: awards@ecommerce.mk
За организаторот:
Aсоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија – АЕТМ го претставува гласот на е-трговијата во Северна Македонија од 2017 година и е посветена на промовирање на е-трговијата, елиминирање на препреките и создавање поволна клима за раст и развој на индустријата. Асоцијацијата го следи развојот на е-трговијата, ги мапира бариерите за раст на секторот и внимателно ги дизајнира своите иницијативи и програми за работа, со цел да придонесе кон зголемување на знаењето за е-трговија и поврзаните услуги и технологии и да ги намали и елиминира бариерите кои го ограничуваат растот и развојот на индустријата.
Асоцијацијата моментално има 135+ членови кои доаѓаат од сите сектори од екосистемот за е-трговија кои ја поддржуваат нејзината работа. АЕТСМ, исто така, има постојана соработка со многу регионални асоцијации за е-трговија и одлично познавање на пазарот за е-трговија во балканскиот регион.
Повеќе за АЕТСМ може да дознаете на ecommerce.mk